1 Kings 5
1 Соломон владееше со сите царства од реката Еуфрат до филистејската земја и до границата на Египет. Тие принесуваа дарови и му служеа на Соломон во сите дни на неговиот живот.
2 Потребите од храна за Соломон и за неговиот персонал за еден ден беа: триесет кори пченично брашно и шеесет кори друго брашно,
3 десет одбрани телиња и дваесет згоени волови и сто овци, а освен елени и срни, и диви кози и птици;
4 зашто тој господареше над целата земја од оваа страна на Еуфрат, од Тифса до Газа, над сите цареви од оваа страна на реката, и имаше мир со сите околни земји.
5 И живееја Јудејците и Израел спокојно, секој под лозата своја и под смоквата своја, од Дан до Вирсавија, преку сите Соломонови дни.
6 Соломон имаше четириесет илјади коњи за коли и дванаесет илјади за коњицата.
7 И управниците му доставуваа на цар Соломон сѐ што требаше за царската трпеза, секој во својот месец, и не дозволуваа да има недостиг од нешто.
8 Исто така и јачмен, и слама за коњите и за маските доставуваше секој навремено во местото, каде што се наоѓаше царот.
9 А Бог му даде на Соломон мудрост, многу голем разум и широчина на срцето како песокот на морскиот брег.
10 И Соломоновата мудрост беше поголема од мудроста на сите синови на Исток, од сета мудрост на Египќаните.
11 Тој беше помудар од сите луѓе, помудар и од Етан Езрахиецот и од Хеман, и од Калкол и од Дарда, синови на Махол, и името негово се славеше по сите околни народи.
12 Тој изрече три илјади мудри изреки, а песните негови беа илјада и пет;
13 тој говореше и за дрвјата, од кедар што е во Ливан, до исопот што никнува по карпите; тој говореше и за животните, за птиците, за влекачите и за рибите.
14 И од сите народи доаѓаа да ја чујат Соломоновата мудрост, и сите земни цареви што беа слушнале за неговата мудрост.
15 Хирам, тирскиот цар, ги испрати слугите свои кај Соломон, откако слушна дека го помазале за цар на местото на татко му, зашто Хирам беше Давидов пријател во текот на целиот негов живот.
16 А и Соломон испрати да му кажат на Хирам:
17 „Ти знаеш дека татко ми Давид не можеше да изгради дом за името на Господ, својот Бог, поради војните со околните народи, додека Господ не ги покори под нозете негови;
18 но сега Господ, мојот Бог, ми даде спокојство од сите страни: нема противник и нема веќе стапици.
19 И, ете, јас имам намера да изградам дом за името на Господ, мојот Бог, како што му беше рекол Господ на татко ми Давид, велејќи: ‚Твојот син, кого што ќе го поставам на твојот престол место тебе, ќе изгради дом за Моето име.‘
20 Затоа, заповедај да ми насечат кедрово дрво од Ливан; и ете, моите слуги ќе бидат заедно со твоите слуги, како ти што ќе определиш, зашто знаеш дека кај нас нема луѓе, кои умеат да сечат дрва така, како Сидонците.“
21 Кога Хирам ги слушна зборовите од Соломон, многу се зарадува и рече: „Благословен нека е денес Господ, Кој му даде на Давид мудар син за да управува со тој многуброен народ!“
22 И Хирам испрати кај Соломон да кажат: „Го сослушав тоа, за кое ти беше испратил порака до мене; ќе ја исполнам твојата желба за кедровото дрво и кипарисовото:
23 слугите мои ќе ги довлечкаат од Ливан до морето, и на сплавови ќе ги дотераат по море до местото што ќе ми го определиш; таму ќе ги растоварам, и ти ќе ги земеш; но и ти исполни ја желбата моја да доставуваш храна за мојот дом.“
24 И Хирам му даваше на Соломон кедрово дрво и кипарисово дрво, според желбата негова.
25 А Соломон му даваше на Хирам дваесет илјади кори пченица за исхрана на неговиот дом и дваесет кори цедено маслиново масло, — толку Соломон му даваше на Хирам секоја година.
26 Господ му даде на Соломон мудрост, како што му беше ветил. И меѓу Хирам и Соломон имаше мир, а склучија и сојуз меѓу себе.
27 Цар Соломон наложи принудна работа во сиот Израел, а бројот на мажите што работеа принудно изнесуваше триесет илјади.
28 Тој ги испраќаше во Ливан, по десет илјади на месец, на смени; еден месец престојуваа во Ливан, а два месеци — по домовите свои. Хадорам, пак, беше нивни управник.
29 Соломон имаше уште седумдесет илјади мажи што го пренесуваа товарот, и осумдесет илјади каменоделци во планините,
30 освен трите илјади и триста настојници што Соломон ги беше поставил над работата, да го надгледуваат народот што ги извршуваше работите.
31 И царот заповеда да донесуваат големи камења за основата на храмот, камења делкани.
32 Ги делкаа, пак, Соломонови работници и Хирамови работници и Гевлијци, и подготвуваа дрвја и камења за градење на храмот три години.